Според првичните резултати од вчерашните избори во Израел, коалициите од десниот и левиот блок не стигнаа до бројката за да формираат Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Досега се пребројани скоро 62 проценти од гласовите. Според податоците на израелската Централна изборна комисија, партијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Ликуд, има 35 пратеници во Парламентот што брои вкупно 120 пратеници.
Главниот конкурент на Ликуд, Сино-белата алијанса предводена од поранешниот израелски началник на Генералштабот, Бени Ганц, освои 32 пратеници.
– Десниот блок не може да ја достигне бројката за да формира коалиција
Десниот блок, предводен од Ликуд, на предвремените избори што се одржаа два пати минатата година, на 9 април и на 17 септември, не успеа да стигне до бројката од 61 пратеник потребна за формирање коалициска влада.
Поради оваа причина, преговорите за коалиција беа неуспешни и во земјата во текот на една година се одржуваат предвремени избори по трет пат.
Според сегашната ситуација, десниот блок не ја достигна бројката од 61 пратеник потребна за формирање коалициската влада, односно остана на 58 места.
Партиите во десниот блок, кои ги претставуваат ултраправославните Евреи, стигнаа до 9 пратеници, а Обединетата Тора освои 8 пратеници.
Алијансата Јамина (десница), предводена од министерот за одбрана Нафтали Бенет, во Парламентот ќе има 6 пратеници.
– Блокот што ги претставува Палестинците стигна до 17 пратеници
Партиите што ги претставуваат Палестинците кои се израелски државјани на вчерашните избори излегоа со единствен список под името Унија на арапскиот блок.
Унијата на арапскиот блок ги зголеми своите гласови над очекувањата и го зголеми бројот на пратеници од 13 на 17.
Со овој резултат, Унијата на арапскиот блок стана третата најголема парламентарна група во израелскиот Парламент.
– Левиот блок разочара
Коалицијата на левиот блок, формирана од Работничката партија и Мерец, спротивно на анкетите од јавното мислење, на изборите не ги покажа очекуваните резултати.
Алијансата на Работничката партија и Мерец, за која се очекуваше дека ќе има најмалку 9 пратеници во Парламентот, остана само на 6 пратеници.
– Либерман повторно ќе игра клучна улога
Од друга страна, Десничарската партија „Израел, наш дом“ на Авигдор Либерман, поранешниот министер за одбрана, изгуби гласови во однос на претходните избори.
„Израел, наш дом“ на вчерашните избори освои 7 пратенички места, а на изборите одржани во септември имаше 8 пратеници.
Сепак, се очекува Либерман да има клучна улога во разговорите за коалиција.










