АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Европската Унија (ЕУ) ветила 1 милијарда евра помош за бегалците, и порача дека Турција повеќе не ги сака тие пари, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган во Анкара го прими бугарскиот премиер Бојко Борисов, а по средбата одржаа заедничката прес-конференција. Една од главните теми беа бегалците.

Турскиот претседател нагласи дека Турција е земја која прими најголем број бегалци во светот, и дека таа ќе продолжи да пружа меѓународна заштита на секое лице кое тоа ќе го побара.

„Бегалците, азилантите, имаат право и слобода да ја напуштат државата во којашто се наоѓаат. Не зборувам за никаков локален закон, според меѓународното право не е можно никој присилно да се задржува. Овие луѓе по своја волја ја напуштаат нашата земја“, рече Ердоган.

Тој истакна дека Грција е исто така должна на мигрантите кои доаѓаат до нејзините граници да им обезбеди заштита според меѓународните обврски.

„Грчки војници денес убија двајца бегалци, еден е тешко ранет. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за утре најави посета на турско-грчката граница. Веројатно ќе биде сведок на нехуманото постапување кон бегалците на грчката граница. Му препорачувам да види и што прават грчките службеници во Егејското Море“, порача Ердоган.

Тој изнесе критики на сметка на Европската Унија (ЕУ) велејќи дека ЕУ ветила милијарди евра помош за бегалците, но порача дека Турција повеќе не ги сака тие пари.

„Ни велеа: Ќе ви испратиме милијарда евра. Кого залажувате? Ние повеќе не ги сакаме тие пари. Република Турција досега издвои 40 милијарди долари, ќе ги најде и парите што тие ги ветија“, рече Ердоган и додаде:

„Турција во рамките на своите граници прими над четири милиони бегалци. За жал, земјите-членки на ЕУ и целиот свет сè уште немаат сфатено што значи тоа“.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека никој не ја гледа хуманитарната криза околу бегалците која чека на вратата.

„Не разбирам зошто на Турција не ѝ се одобрат ресурси (за мигрантите). Споделувањето на товарот е едно од главните начела на ЕУ“, рече Борисов, додавајќи дека е неопходно да се исполнат обврските од договорот

Борисов истакна дека во наредниот период вредно ќе работи и ќе вложи напори да се заштитат жените и децата кои чекаат на границите.