КАБУЛ (АА) – Во главниот град на Катар, Доха, денес се потпишува значајниот мировен договор меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и талибанците, што може да стави крај на најдолгата војна на САД, пишува Агенција Анадолија (АА).
Хотелот „Шератон“ во Доха е полн со странски дипломати и други официјални претставници поканети да сведочат на историското потпишување од страна на американскиот државен секретар Мајк Помпео и коосновачот и заменик-челник на талибанците, Мула Абдул Гани Барадар.
Свеченото потпишување е закажано за 14 часот по локално време (1100GMT).
На мировниот договор му претходеше условен договор за еднонеделно намалување на насилствата, рок што заврши вчера.
Договорот помеѓу САД и талибанците вклучува ветување од Вашингтон за постепено повлекување на трупите од Авганистан и ветување од талибанците дека нема да ги засолнуваат меѓународните терористи.
САД моментно имаат над 12.000 војници во Авганистан, коишто спроведуваат операции за поддршка на авганистанските сили, како и операции на една поопсежна антитерористичка мисија.
Според договорот, талибанците ќе се посветат кон преговорите со авганистанските власти, политичари и претставници на граѓанското општество.
„Авганистанската Влада формираше и специјална група за започнување на разговорите со талибанците“, изјави за Агенцијата Анадолија (АА) портпаролот на Советот за национална безбедност, Џаваид Фаисал.
Американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер, и челникот на НАТО, Јенс Столтенберг, се очекува денес да објават заедничка изјава и да потсетат на поддршката за авганистанската Влада.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, доцна синоќа објави соопштение во кое го повикува авганистанскиот народ „да ја искористи оваа можност за мир и за нова иднина на нивната земја“.
Тој истакна дека САД постигнале „голем напредок во Авганистан“ за речиси 19 години „но по висока цена платена од нашите храбри војници, американските даночни обврзници и на народот во Авганистан“.
„Кога се кандидирав за функцијата, му ветив на американскиот народ дека ќе започнам да ги враќам нашите војници дома и дека ќе настојувам да ја прекинам оваа војна. Ние правиме значителен напредок во однос на тоа ветување“, рече Трамп.
„Ако талибанците и авганистанските власти ги исполнат овие обврски, ние ќе имаме моќен пат кон завршување на војната во Авганистан и кон враќање на нашите трупи дома… На крајот, зависи од народот на Авганистан за решавањето на својата иднина. Затоа, го повикуваме авганистанскиот народ да ја искористи оваа можност за мир и за нова иднина на својата земја.“









