ЕРУСАЛИМ (АА) – Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Израел се искачи на четири, соопшти денес израелското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Израелски државјанин, кој се вратил од Италија пред неколку дена, бил позитивен на тестот за Ковид-19“, пренесе израелскиот јавен сервис, цитирајќи го Министерството.

„Израел го забрани влезот на луѓе кои доаѓаат од Италија, најтешко погодената земја во Европа“, соопшти израелскиот јавен сервис повикувајќи се на министерот за внатрешни работи, Арије Дери.

Локалните медиуми јавуваат дека на 56 патници од Италија им е забранет влезот во Израел.

На израелските граѓани што доаѓаат од Италија им е наредено да останат во домовите 14 дена.

Италија и Израел се меѓу над 45-те земји во светот во кои се утврдени речиси 83.000 случаи на Ковид-19.

Италија е најтешко погодената земја во Европа, со 400 потврдени случаи и 12 смртни случаи.

На глобално ниво, бројот на починати е над 2.800, а Кина, од каде што потекнува вирусот, е најтешко погодена, со над 78.000 случаи и над 2.700 смртни случаи.

Светската здравствена организација прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот, нагласувајќи дека и понатаму ризикот на светско ниво е висок.