ХАТАЈ (АА) – Турскиот министер за одбрана на Турција, Хулуси Акар, изјави дека по подлиот напад врз турските војници, Турција жестоко одговори на силите на Асад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека возвратено е со напад врз над 200 позиции на (сирискиот) режимот со авиони, беспилотни летала и топовска и тенковска поддршка од копно, при што се уништени 5 хеликоптери, 23 тенкови, 10 блиндирани возила, 23 топови и хаубици, 5 камиони со муниција, по еден систем за одбрана „SA-17“ и „SA-22“, 3 магацини за муниција, 2 магацини за опрема, зградата на штабот и 309 војници на режимот.
Министерот Акар во придружба на командантот на Копнените сили на Турција, генерал Умит Дундар, и командантот на Воздухопловните сили на Турција, генерал Хасан Ќучукакјуз, вечерта ја помина во Центарот за тактичка команда на турско-сириската граница во Хатај.
Акар, кој до самите утрински часови ја водеше и раководеше со операцијата на Копнените и Воздухопловните сили врз позициите на режимот во Идлиб, изјави: „Врз нашите сили кои се наоѓаат во Идлиб со цел да се обезбеди примирје, да се спречат миграциите и да се стави крај на човечката драма што се случува во регионот, беше извршен подол воздушен напад во кој животот го загубија 33 војници, 33 херои, наши браќа по оружје, а 32 војници беа ранети.“
„Иако нашите единици се наоѓаа на подрачје кое претходно е координирано со претставниците на Руската Федерација на теренот, сепак врз нив беше изведен напад. Иако по првиот проектил беше дадено предупредување, за жал, нападот продолжи. Во текот на воздушниот напад беше погодено и амбулантно возило. Покрај тоа, би сакал да истакнам дека за време на нападот околу нашите единици не се наоѓала никаква вооружена група“, нагласи Акар.
„Гранатирањето и нашите активности продолжуваат според планираното“, порача турскиот министер за одбрана.
Барајќи божја милост за загинатите војници, министерот им изрази сочувство на ужалените семејства, на Турските вооружени сили и на турскиот народ, а на ранетите војници им посака што поскоро заздравување и истакна: „Досега ниту еднаш не ја оставивме неосветена крвта на нашите загинати војници, нема да ја оставиме ниту по ова. Нашите операции ќе продолжат сè додека не бидат скршени крвавите раце кои се дигнати кон турските војници и недолжниот народ од регионот.“










