Членките на Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите кабелски оператори во државата, ќе го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на полноќ помеѓу недела и понеделник.

Оваа одлука операторите ја донеле денеска, соопштија од Стопанската комора, нагласувајќи дека ќе продолжат само со реемитување на каналите на јавниот сервис во кои спаѓаат МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

„Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните“, стои во соопштението.

Овој прекин на програмата ќе трае сѐ до наоѓање заеднички јазик на Здружението на информатичко-комуникациските технологии со државата со оглед што тие имаат проблеми со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, што Собранието ги донесе на денот на распуштањето.

На нивната закана вчера реагираа петте национални телевизии, кои ги обвинија кабелските оператори за ниско ниво на општествена одговорност. Операторите сепак тврдат дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми.

„Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, а за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, се вели во соопштението од Здружението на информатичко-комуникациски технологии испратено до медиумите вчера.

Пренесува: „Dubai-Portal“

Пишува: „NovaTV“