ИДЛИБ (АА) – Четворица цивили, од кои 3 деца, ги загубија животите во артилерискиот напад на силите од режимот на Асад, поддржани од руските сили, врз центарот на градот Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).

Режимските сили кои се составени од Армијата на режимот на Асад и странски терористички групи поддржани од Иран, доцна во ноќта изведоа артилериски напади врз центарот на градот Идлиб и околните населби на северозападниот дел на земјата.

Според информациите добиени од извори на Цивилната одбрана (Бели шлемови), во бомбардирањето загинале вкупно 4 цивили, од кои 3 деца.

Екипите коишто пристигнале на местото на настанот ги пренеле до здравствените центри повредените лица што биле под урнатините.

– Последната ситуација во Идлиб

Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозиција.

Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.

На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).

Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.

Стотици илјади цивили што избегаа од нападите мигрираа кон местата близу границата со Турција.

Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.

Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран коишто изведуваат напади во деескалациската зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 942 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција.

Над 1.800 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.