МОСКВА (АА) – Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека признавањето на Косово од страна на Србија ќе биде подобро за сите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рама во рамки на неговата посета на Русија, оствари средба со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во Москва.
На прес-конференцијата одржана по овој состанок, Рама говореше за Косово.
Премиерот на Албанија нагласи дека ставот на Владата на Албанија е многу јасен.
„Што порано Србија ќе го признае Косово, тоа ќе биде подобро за сите и за Србија“, додаде тој.
Рама истакна дека ги поддржуваат дијалогот и потрагата за заедничка база во врска со признавањето на Косово, и дека не ја земаат во обзир опцијата за непризнавање.
„Ќе биде многу добро сите, вклучувајќи ја и Србија, да го признаат Косово“, рече Рама, нагласувајќи дека секогаш може да се случи страните да се обвинуваат едни со други во врска со процесот на признавање.
Премиерот на Албанија истакна дека треба повторно да се започне овој процес.
„Не може да има двоен стандард кон волјата на народот во насока на признавање или непризнавање. Зошто другите земји имаат право да бидат држава, а Косово не?“, додаде Рама.









