АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција никогаш нема да направи компромис во врска со Договорот од Сочи за Идлиб и дека очекува овој договор да биде спроведен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за новинарите додека се враќаше од Азербејџан, Ердоган изјави: „Ние сакаме сѐ што содржи Договорот од Сочи. Не можеме да правиме компромис на ова прашање и сѐ што е потребно треба да се направи.“
Во врска со неговиот телефонски разговор минатата недела со рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, во кој лидерите се согласија да се одржи состанок за Идлиб на 5 март, Ердоган изјави дека местото на средбата најверојатно ќе биде Истанбул.
Тој изјави дека подоцна ќе биде одлучено дали состаноците ќе бидат на билатерално или на квадрилатерално ниво.
– Присуството на Турција во Сирија се базира на Договорот од Адана 1998 година –
Отфрлајќи ги тврдењата на критичарите кои велат дека присуството на Турција во северна Сирија е инвазија, Ердоган посочи на Договорот од Астана во 1998 година меѓу Турција и тогашната сириска Влада.
„Турција е тука [во Сирија] врз основа на Договорот од Адана“, рече тој. „Кој е процесот во Договорот од Адана? Ќе ги следите терористичките групи каде и да одат. Тоа го прави Турција и сега ги следиме терористичките организации“, изјави Ердоган, додавајќи дека тие терористички организации се ПКК, ЈПГ, ПЈД, ДЕАШ и други.
Од 2016 година, Турција започна три успешни прекугранични антитерористички операции, во северна Сирија, за да спречи формирање на терористички коридор: операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (октомври 2019 година).
Потпишан во турскиот јужен град Адана во 1998 година, Договорот беше со цел олеснување на загриженоста на Анкара за присуството на терористичката организација ПКК во Сирија. Во својата повеќедецениска терористичка кампања, ПКК уби 40.000 луѓе во Турција, вклучувајќи жени, деца и новороденчиња. Исто така, таа е наведена како терористичка организација од страна на Турција, САД и Европската Унија. ЈПГ е огранок на ПКК во Сирија.
Според Договорот, Сирија ја призна ПКК како терористичка група и ги забрани сите активности и активностите на групите поврзани со неа на територијата на земјата.
Сирискиот режим гарантираше дека нема да дозволи никакви активности „кои произлегуваат од територијата на Сирија насочени кон загрозување на безбедноста и стабилноста на Турција“.










