ИДЛИБ (АА) – Четворица цивили, од кои двајца наставници и еден ученик, ги загубија своите животи во нападите на режимот на Башар ал Асад врз населбите во центарот на градот Идлиб, каде што со касетни бомби беа погодени 4 училишта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили кои се составени од армијата на режимот на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран, изведоа копнени напади врз центарот на градот Идлиб.
Во нападите се погодени четири училишта.
Според информациите добиени од изворите на Цивилната одбрана (Бели шлемови), во нападите загинале четворица цивили, од кои двајца наставници и еден ученик.
Екипата на АА го сними дворот на училиштето каде што паднаа бомбите, при што привлекоа внимание трагите од крв и капсулата од бомбата заглавена во бетонот од дворот.
Според опсерваторијата на опозицијата за набљудување на авиони, руските борбени авиони го бомбардирале центарот на градот Идлиб во текот на денот.
Вкупно 12 цивили се повредени во нападите на режимот на Асад и на Русија.
– Последната ситуација во Идлиб –
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозиција.
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран што изведуваат напади во деескалациската зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 942 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција.
Над 1.800 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.










