АНКАРА (АА) – Турскиот Парламентарен одбор за надворешни работи денеска жестоко го осуди масакрот во Хоџали на неговата 28-годишнина, како и ерменската окупација на азербејџанските територии, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Масакрот на ерменската војска во селото Хоџали беше најкрвавиот настан во војната помеѓу Ерменија и Азербејџан, која е водена на почетокот на 1990-тите години поради спорното подрачје на Нагорно-Карабах.

Во соопштението Одборот потсетува дека ерменските трупи на 25 и 26 февруари 1992 година во напад на градот Хоџали во азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах брутално масакрирале 613 невини државјани на Азербејџан, жени, деца и постари лица. Освен тоа, 1.275 лица се земени за заложници, од кои 150 и понатаму се водат како исчезнати.

„Турција длабоко сочувствува со своите азербејџански браќа и сестри поради овој напад и масакрот и ја дели нивната болка со сето срце. Жестоко го осудуваме масакрот кој го извршија трупите на Република Ерменија, како и континуираната окупација на азербејџанските територии низ годините“, се додава во соопштението на Одборот.

Одборот ја повика меѓународната заедница да го насочи вниманието на масакрот.

„Уште еднаш повторуваме дека меѓународната заедница треба да му додели загарантирано значење на овој масакр и да обезбеди оправдан одговор во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Организацијата на исламска соработка, така што ваквите агресии кои фрлаат крвава дамка на човештвото да не се повторуваат. Го повторуваме нашиот повик сторителите и одговорните за овој чин да бидат изведени пред лицето на правдата според меѓународното право и Ерменија да се повлече од азербејџанските територии што ги окупираше што е можно поскоро“, се вели во соопштението на турскиот Парламентарен одбор за надворешна политика.

Хоџали е касаба која ерменските сили ја окупираа кон крајот на 1991 година. Станува збор за место кое се простира на 936 квадратни километри и во кое живееле 2.605 семејства, односно околу 7.000 лица. Ерменската војска претходно го зазеде Ханкенди, главниот град на Нагорно-Карабах, а потоа цел на нивните напади станаа азербејџанските села, од кои Хоџали беше најголемо. Во Хоџали се наоѓа единствениот аеродром во регионот и беше важен канал за достава на хуманитарна помош на Азерите во тој регион.

Кон крајот на 1992 година, ерменската војска целосно го опколи Хоџали, а на 25 февруари започнаа жестоките вооружени операции за окупација на местото.

Според официјалните податоци, во масакрот во Хоџали се убиени 613 цивили, меѓу кои 106 жени и 83 деца. Тешко се ранети 487 лица. Ерменските сили заробија 1.275 лица, од кои 150 сѐ уште се водат како исчезнати.