АНКАРА (АА) – Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин и американскиот специјален пратеник за Сирија разговараа за најновите случувања во северозападна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин и Џефри се состанаа во турскиот главен град Анкара во врска со последниот развој на настаните во регионот.
Двајцата официјални претставници нагласија дека нападите врз турските набљудувачки точки во Идлиб од страна на силите на Асадовиот режим се неприфатливи.
За време на средбата беше јасно потенцирана одлучноста на Турција во заштитата на турските војници и цивилите како дел од Договорот за Идлиб.
Истакната е важноста на заштитата и почитувањето на Договорот за Идлиб, и тоа дека сите земји треба да ги исполнат своите обврски со цел да не се продлабочи хуманитарната криза, како и запирањето на нападите на режимот, со што би се овозможило продолжување со процесот за политичко решение.
Нагласена е и важноста на конкретната поддршка од меѓународната заедница за забрзување на работата на Уставната комисија.
„Потребно е итно зајакнување на дипломатските иницијативи за да се спречи миграцискиот бран, кој со порастот на режимските напади врз цивилите во Идлиб се претвори во голема хуманитарна трагедија“, се вели во соопштението.
Нагласена е и одлучноста на Турција да се бори против терористичките елементи, без да прави каква било разлика помеѓу нив. Соговорниците се осврнаа и на прашањето во врска со Либија, истакнувајќи ја важноста на одржливо примирје во таа земја.
Џефри пристигна во Турција вчера за средба со турските власти за проценка на неодамнешните случувања во регионот.
Турските војници се наоѓаат во Идлиб како дел од антитерористичката и мировна мисија.
Идлиб е упориште на сириската опозиција и антивладините вооружени групи од избувнувањето на сириската граѓанска војна во 2011 година.
Во септември 2018 година Турција и Русија постигнаа согласност Идлиб да стане деескалациска зона, каде што актите на агресија се строго забранети.
Но, и покрај тоа, во нападите на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад потпомогнат од руските сили, досега загинаа над 1.800 цивили.








