АНКАРА (АА) – Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за Сирија, Џејмс Џефри, денеска изјави дека САД ја поддржуваат Турција во врска со последните случувања во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џефри вчера пристигна во Турција за да се состане со турските официјални претставници и да се изврши повторна проценка на последните случувања во регионот.
За време на неговиот состанок со турскиот заменик-министер за надворешни работи, Седат Онал, Џефри изрази сочувство за турските војници кои загинаа во напади на режимот во сириски Идлиб во понеделникот, по сличниот напад кој се случи минатата недела во кој загинаа седум војници и еден цивил.
Онал ја нагласи важноста за имплементирањето на договорите од Астана и Сочи во регионот.
Двете страни ја проценија хуманитарната криза и последните случувања во Идлиб и нагласија дека меѓународната заедница треба да игра активна улога.
Турските војници се наоѓаат во Идлиб како дел од антитерористичката мировна мисија.
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозиција.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили.








