ТИРАНА/АНКАРА (AA) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, најави дека турската делегација во наредните денови ќе ја посети Русија и ќе разговара за актуелната ситуација во северозападната сириска покраина Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу, во рамките на официјалната посета во Тирана се состана со вршителот на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, а по состанокот за новинарите ја коментираше и актуелната ситуација во сириски Идлиб.

Потсетувајќи дека војната во Сирија трае речиси десет години и дека Турција е на најголем удар поради таа криза, Чавушоглу изјави дека Турција досега згрижила над 4 милиони бегалци, вклучувајќи 3,6 милиони од Сирија.

„Во Идлиб страдаат многу цивили во нападите на силите лојални на режимот. Обединетите нации секојдневно го објавуваат тој биланс, а повеќе од милион лица мораа да ги напуштат своите домови. Само од декември минатата година своите домови ги напуштија 700.000 цивили, меѓу кои половина се деца“, изјави Чавушоглу.

Повикувајќи ја меѓународната заедница на поголема солидарност, Чавушоглу изјави дека Турција од германската донација од 40 милиони евра подигнала кампови за раселените Сиријци.

Чавушоглу понатаму изјави дека на северниот дел на Сирија не се почитуваат договорите и дека гарантите на договорот од страната на сирискиот режим не прават конкретни чекори за да ги спречат нападите на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.

„Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во обраќањето на пратениците на АК Партијата во Парламентот соопшти дека турските сили на терен ќе одговорат на нападите на режимот во Сирија. Одлучни сме по тоа прашање и секако дека нема да дозволиме крвта на нашите загинати херои да биде залудно пролеaна“, изјави Чавушоглу.

Тој соопшти и дека турскиот претседател Ердоган денеска телефонски разговарал со рускиот колега Владимир Путин и најави дека турската делегација во наредните денови ќе ја посети Москва.

„Руската делегација во два наврати беше во Анкара и преговаравме. Ја продолжуваме соработката со Русија и се обидуваме да воспоставиме траен мир. Нашата одлучност е неспорна, па и ако тој преговарачки процес не даде резултати“, изјави Чавушоглу.

На прашањето на новинарите за активностите на терористичката организација ФЕТО во Албанија, Чавушоглу изјави дека нема прецизни бројки, но дека се работи за стотици членови на ФЕТО, чие испорачување Турција го побара од Албанија.

„Во последно време направивме некои добри чекори. Благодарни сме за тоа, но очекуваме и продолжение. Не сакаме Албанија да стане сигурно пристаниште за терористите на ФЕТО“, порача Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија понатаму изјави дека виновниците за обидот на воениот пуч се обидуваат да најдат засолниште надвор од Турција и дека присуството на таквите елементи е особено ризично за иднината, сигурноста и стабилноста на Албанија.

„Секако дека знаеме дека тоа на некое ниво не е лесно, но тоа е нешто што мораме да го сториме заради нашата иднина“, изјави Чавушоглу, и додаде дека ФЕТО претставува терористичка закана за сите земји во кои дејствува, а не само за Турција.

ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), за кого Турција официјално побара испорачување од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.