ЕРУСАЛИМ (АА) – Палестинскиот претседател Махмуд Абас синоќа изјави дека е подготвен да ги започне повторно мировните преговори со поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, од позицијата на која останаа пред една деценија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на прес-конференцијата со Олмерт во Њујорк по состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) Абас изјави дека т.н. „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп нема да донесе ниту мир, ниту стабилност на Блискиот Исток.
Планот на Трамп се чини дека не ги исполнува ниту најосновните палестински барања за сеопфатен мир со Израел, вклучително и правото на враќање на палестинските бегалци, кои беа присилени да ги напуштат своите домови како резултат на конфликтот.
„Целосно сум подготвен да ги продолжам преговорите таму каде што застанаа со вас, г-дин Олмерт, под покровителство на меѓународниот квартет, а не врз основа на планот за анектирање и легализација на населбите и за уништување на дводржавното решение“, изјави Абас.
„Абас е човек на мирот. Тој се противи на теророт. Затоа е единствениот партнер со кој можеме да се соочиме“, изјави Олмерт.
Меѓутоа тој се воздржа од критикување на планот на Трамп.
Олмерт одржа неколку мировни преговори со Абас во 2008 година, кога стана израелски премиер.
Но преговорите пропаднаа во услови на правните проблеми со кои се соочи Олмерт и поради израелската операција во Појасот Газа.








