ПОДГОРИЦА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за време на официјалната посета на Црна Гора, во Подгорица оствари средба со неговиот црногорски колега Срѓан Дармановиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).

На заедничката прес-конференција со Дармановиќ, Чавушоглу истакна дека денеска потпишаните договори за конзуларна заштита на црногорските државјани се дополнителен доказ за добрата соработка помеѓу двете земји.

Тој повтори дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира во најскор можен рок да ја посети Црна Гора. Шефот на турската дипломатија потсети дека е поставена цел во меѓудржавната трговска размена од 200 милиони долари.

„Полека се приближуваме кон таа цел. Драго ни е што нашите компании се присутни во Црна Гора и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме нивните активности“, рече Чавушоглу.

Напомена дека треба да се унапреди соработката меѓу двете држави во областа на образованието и спортот, како и дека треба да се зајакне соработката во конзуларните работи и соработката на академиите на науките на двете држави.

Чавушоглу рече дека Турција ќе ја поддржува Црна Гора на патот кон европските интеграции, како и во случајот на членството во НАТО. Тој истакна дека Црна Гора е важна држава за регионот и за Европа.

„Иако географски е мала држава, Црна Гора е многу важна за мирот и стабилноста во овој дел од Европа“, рече тој.

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, пак, истакна дека посетата на министерот Мевлут Чавушоглу е продолжение на дијалогот и традиционалното пријателство меѓу двете држави.

Тој рече дека со денеска потпишаните договори ќе биде зајакната конзуларната соработка меѓу Црна Гора и Турција. Тој потсети дека двете држави имаат интензивна економска соработка и зголемена трговска размена.

„Мило ни е што познати турски компании ги препознаа природните потенцијали на Црна Гора и отворија свои фирми во нашата земја. Се согласивме дека е неопходно да се продолжи со економскиот замав во однос на интересот на турските инвеститори за вложување“, рече Дармановиќ.