ИСТАНБУЛ (АА) – Во операција што турската полиција ја започна по налог на Државното обвинителство, во четири градови во Турција приведени се 14 од 28 осомничени за членство и дејствување во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).

Турската полиција соопшти дека споменатите лица се фатени денес поради сомнителни врски со терористичката организација ФЕТО, која стои зад државниот удар во 2016 година во Турција.

Обвинителството во Истанбул издаде потерници за 28 лица откако е откриено дека користат „БајЛок“, шифрирана апликација која терористите на ФЕТО ја користеа за тајна комуникација.

Полицијата уапси половина од осомничените во операциите во Истанбул, Анкара, Испарта и Болу. Во тек е потрагата по преостанатите осомничени.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.

Припадниците на оваа терористичка организација со години, преку местење на испитите, напредувале во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтираше во турската Војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.