ДAБЛИН (АА) – Броењето на гласовите продолжува во Ирска и доцна синоќа по парламентарните избори, на кои три партии покажаа многу мала разлика во добиените гласови, јавува Агенција Анадолија (АА).

Партијата Шин Фејн води со 24,5 отсто од гласовите, оставајќи ги зад себе двете традиционално големи партии.

Лидерката на партијата Мери Лу Мекдоналд ја нарече револуционерна победата на изборите.

„Ова повеќе не е двопартиски систем“, рече Мекдоналд.

Таа истакна дека ќе се обиде да формира владејачка коалиција со другите партии.

Мекдоналд нагласи дека сака да се обиде да стане следната ирска премиерка предводејќи ја левичарската влада со Зелената партија, социјалдемократите и партијата Солидарноста – луѓето пред профитот, исклучувајќи ја партијата Фајн Гаел на актуелниот премиер Лео Варадкар и партијата Фијана Фаил на Мајкл Мартин.

Фијана Фаил и Фајн Гаел добија 22,2 отсто, односно 20,9 отсто од гласовите.

Говорејќи пред локалните медиуми во Даблин, Варадкар повтори дека нема да влезат во коалициска влада со партијата Шин Фејн.

„За нас, коалиција со Шин Фејн не е опција, но подготвени сме да преговараме со другите партии“, рече тој.

Одѕивот на гласачите на изборите во саботата се очекува да биде помеѓу 60 и 65 отсто и покрај бурата „Киара“.

Ирска се соочува со криза во секторот за домување. Бројот на бездомници достигна 10.000.

Здравствената заштита исто така се соочува со сериозни предизвици, итните случаи чекаат и до 17 часа во болниците за да бидат прегледани.

Резултатите досега се блиску до анкетите кои предвидуваа дека сите три партии ќе имаат околу 22 отсто гласови.

Шин Фејн, политичкото крило на распуштената Ирска републиканска армија (IRA), почна кампања за обединета Ирска.

ИРА спроведуваше бомбашки напади и извршуваше убиства со децении, сè до склучување на мировниот договор во 1998 година.

Периодот на Северноирскиот конфликт беше тридецениски распон на секташко насилство помеѓу католичките ирски националисти и протестантите лојални на Обединетото Кралство, во кој загинаа над 3.500 луѓе.

Шин Фејн, под водство на нејзиниот претходен лидер Гери Адамс, е политичкото крило на ИРА.

Мировниот договор од Белфаст склучен во 1998 година во голема мерка означи крај на насилствата, но одредени расцепкани групи на ИРА во Северна Ирска останаа активни.