Деветнаесетгодишна муслиманка, која ја започнала својата активна служба во данската Армија, поради нејзината марама била принудена да ја напушти Армијата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според веста што ја објави данската државна радио-телевизија DR, на една муслиманка, која на 3 февруари стапила во служба на данската Армија, ѝ било кажано дека доколку сака да продолжи со воената служба потребно е да ја тргне марамата, во спротивно ќе треба да ја напушти нејзината единица.

Девојката, која не сакала да ја тргне марамата, пред 4 дена ја напуштила должноста на која стапила.

Младата девојка, чие име не се соопштува, за данските медиуми изјавила дека минатата година кога учествувала на промоцијата на „Денот на Армијата“ ѝ било кажано дека нејзината марама нема да претставува проблем, додавајќи дека тоа било причината поради која се одлучила за воената служба.

Сусане Лунд, директорка за комуникации на Армијата, изјави дека при аплицирањето за служба во Армијата, кандидатите не се прашуваат за нивната вероисповед, но на сите апликанти преку електронска пошта им се испратени брошури во кои е содржан кодексот на облекување во Армијата.

Младата девојка рекла дека во нејзината електронска пошта не пристигнала таква брошура.

За данските медиуми изјава даде и министерката за одбрана, Трин Брамсен, која информираше дека во Војската постои забрана за марама, истакнувајќи дека нема да се менуваат правилата за воената униформа.

Од друга страна, во Шведска, жените со марама можат да служат во Армијата.