Турскиот министер за урбанизам: „По земјотресот во Елазиг итно ќе се срушат 558 објекти“

by Administrator

ЕЛАЗИГ (АА) – Турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, изјави дека вчера во Елазиг се завршени работите за утврдување на штетата предизвикана од земјотресот и дека се евидентирани 263 урнати градби, а 558 треба итно да се срушат, јавува Агенција Анадолија (AA).

На прес-конференцијата што се одржа во Елазиг, освен министерот Курум, присуствуваа и турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу и министерката за трговија, Рухсар Пекџан. Курум изрази сочувство до семејствата на загинатите војници во нападот во Идлиб и до семејствата на патниците загинати во неодамнешната авионска несреќа во Истанбул.

Тој истакна дека овие катастрофи и несреќи ја покажале важноста на единството и заедништвото на властите и народот. Додаде дека од вечерта на 24 јануари, денот кога Елазиг го погоди земјотрес, заедно со сите министерства пружаат поддршка на жителите и ја делат нивната болка.

Министерот нагласи дека екипи од околу илјада лица излегле на терен брзо и дека е темелно работено на утврдување на настанатите штети.

Додаде дека од една страна работат на расчистување на урнатините, а од друга на проектирањето на објектите кои треба да бидат изградени.

„Во Елазиг вчера завршија активностите за утврдување на штетата и во тие рамки утврдивме 263 срушени објекти, 7.698 со големи оштетувања, 1.540 со оштетувања од средни размери, а покрај тоа евидентиравме 558 објекти што треба итно да се срушат“, рече Курум.

Додаде дека е завршено рушењето на 201 објект и дека забрзано се работи и на преостанатите рушења.

Курум рече дека досега е започнато проектирање на 17.400 станбени единици во Елазиг. Потсети дека на состанокот на Кабинетот на претседателот Реџеп Таип Ердоган и пред другите министри се презентирани податоците за овие проекти.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе започне изградбата на станбените единици и дека до крајот на годината по етапи ќе бидат доделени становите.

„Се надеваме дека до крајот на февруари и во Елазиг и во Малатја ќе ги поставиме темелите и дека брзо ќе продолжиме со процесот на изградба. Сакам да појаснам дека овие проекти кои ќе ги спроведеме ќе бидат најголем проект на урбана трансформација во Елазиг“, рече Курум.

You may also like