ЊУЈОРК (АА) – Постојаниот претставник на Турција при Обединетите нации (ОН), Феридун Синирлиоглу, во Советот за безбедност на ОН порача дека неговата земја нема да ја повлече војската од Идлиб, од северозападниот дел на Сирија, ниту да ги напушти набљудувачките точки на тоа подрачје, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Ниту еден напад чија цел се безбедноста на Турција и нејзината војска нема да поминат неказнето. Никогаш не се двоумиме да го искористиме нашето право на самоодбрана. Тука не зборувам за нашата црвена линија, ова е предупредување“, порача Синирлиоглу во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, во кое дискутираше за растечката напнатост и судирите во Идлиб.

Синирлиоглу порача дека кризата во Сирија веќа една деценија претставува сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност. Како што изјави тој, за тоа во овој период во повеќе наврати се разговарало во СБОН, но ништо не се променило, освен што опасноста станала уште поголема.

Тој потсети дека силите на сирискиот режим намерно ги нападнале турските сили на 3 февруари, при што се убиени најмалку седум војници и еден цивил. Синирлиоглу додаде дека Вооружените сили на Турција во согласност со правото на самоодбрана одговориле на тој напад.

Синирлиоглу изјави дека Турција, по нападот на режимот, била принудена да ги зајакне своите единици во Идлиб за како држава гарант да ги исполни своите обврски и да го спречи зголемувањето на напнатоста на тоа подрачје.

„Некои наши набљудувачки точки се окупирани од страна на борците на режимот, а силите на режимот и денеска продолжија со воздушните напади и бомбардирањето“, изјави Синирлиоглу.

Тој потсети дека стотици илјади луѓе го загубиле животот поради „тиранинот“, кој одбил да ги исполни легитимните барања на сирискиот народ.

„Сега овој режим, со нападите врз турската војска, сака да ја вовлече мојата земја во оваа валкана војна“, изјави Синирлиоглу, и додаде:

„Турција нема да ја повлече војската од Идлиб, ниту да ги напушти набљудувачките точки“.