БЕЛГРАД (АА) – Мојата мисија е до крајот на мандатот да имаме барем една земја од регионот на Западен Балкан подготвена за влез во Европската Унија, изјави денеска во Белград европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархелји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакам да имаме барем една земја од овој регион подготвена за влез во ЕУ. Тоа е моја мисија во наредните четири и пол години, колку што трае мојот мандат“, изјави Вархелји на заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој наведе дека и ЕУ и земјите мораат да работат заедно на патот кон евроинтеграциите.
На прашањето дали договорот меѓу Србија и Косово е пресуден за влез на Србија во ЕУ, Вархелји одговори дека тоа е клучна тема.
„За целиот регион е клучен односот меѓу Србија и Косово. Ние гледаме двете земји да дојдат до долготрајно решение“, изјави Вархелји.
Според неговите зборови, прво двете земји мора да седнат заедно.
„Во таа смисла, првиот чекор во тој правец е на Косово, а тој е да ги укине таксите што ги воведе, бидејќи без тоа ќе биде тешко дијалогот да се започне повторно“, додаде Вархелји.
Европскиот комесар за соседство и проширување изјави и дека мора уште да се работи на извештаите, за до Самитот во Загреб во мај да можат да дадат зелено светло за пристапот на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.
Тој оцени дека идејата за „мини-Шенген“ е позитивна, но дека треба да се вклучат сите земји во регионот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговите симпатии се на страна на новите методологии во пристапот кон ЕУ.
„Ги немаме сите параметри, ќе продолжиме да ги проучуваме и конечните одлуки ќе ги донесеме во наредниот период, бидејќи Србија, која со Црна Гора се оттргна најдалеку во преговорите, може да бира дали ќе ја користи преговарачката рамка или ќе ја прифати новата методологија“, наведе Вучиќ.
Тој изјави и дека не очекува ништо од новата косовска администрација, но дека се надева дека ќе може да има посериозни разговори со неа за што се потребни двете страни
„Сметам дека во изминатиот период се однесувавме сериозно, во Европа не се однесуваа сите така, и Приштина не ја исполни најважната обврска од Бриселскиот договор“, изјави Вучиќ.
Тој повтори дека за Србија е важно отворањето на границите кон земјите на регионот и Европа.
„Замислете ја Србија без какви било граници. Тоа би бил фантастичен успех. Јас верувам во четири слободи, проток на стока, капитал, услуги и луѓе“, изјави Вучиќ.
Во пресрет на изјавата, министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ и Вархелји го потпишаа финансискиот договор ИПА 2019.









