АНКАРА (АА) – По нападот на Асадовиот режим против турските сили во Идлиб, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција ќе ги задржи военонабљудувачките точки во сириски Идлиб, заедно со потребните фортификации, бидејќи тие, како што истакна, играат суштинска улога, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган, во текот на летот од Украина кон Турција, даде изјава за медиумите кои го придружуваа.

Турскиот претседател нагласи дека смртоносниот напад бил отворено прекршување на Договорот за Идлиб, и дека тоа ќе има последици за Асадовиот режим.

„Сметам дека операциите се сериозна лекција за нив [за Асадовиот режим]. Но, нема да застанеме, ќе продолжиме со истата решителност“, рече Ердоган.

Сепак, турскиот претседател нагласи дека по овој напад нема потреба од конфликт или конфронтација со Русија, и дека во тек се сериозни стратешки иницијативи.

„Нашите военонабљудувачки точки [во Идлиб] играат суштинска улога таму, и ќе останат таму. Се вршат потребните фортификации“, додаде тој.

Во понеделникот, силите на сирискиот режим изведоа напад врз турските сили во Идлиб, северозападна Сирија, во кој загинаа седум турски војници, и еден цивил изведувач што работи со турската војска. Тринаесет лица се повредени, но се во добра состојба.

Како одговор на нападот, турските сили нападнаа над 50 цели, при што загинаа 76 сириски војници.