БАГДАД (АА) – Бројот на загинатите од антивладините протести во Ирак се искачи на 556 лица, се вели од Независната висока комисија за човекови права на Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од прес-службата на Али ал Бајати, претставник на комисијата, се вели дека оние кои се сомневаат во оваа бројка, треба да ги достават нивните докази.
Во Ирак се одвиваат масовни протести од почетокот на октомври поради лошите услови за живот и корупцијата, принудувајќи го премиерот Адел Абдул Махди да си даде оставка.
Претседателот Бархам Салих во саботата го назначи поранешниот министер за комуникации, Мохамед Тавфик Алави за нов премиер и му наложи да формира нова влада.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) и претходните извештаи од Салих, повеќе од 600 лица се загинати за време на протестите.
Комисијата претходно соопшти дека повеќе од 17.000 лица се повредени.










