АНКАРА (АА) – Најмалку четворица турски војници загинаа, а деветмина се ранети во артилериски напади кои силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршија утринава во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Република Турција соопшти дека цел на нападите во Идлиб биле турските вооружени сили кои се ангажирани на спречување на конфликтите во таа прогласена зона на деескалација во северозападниот дел на Сирија.
Во соопштението се наведува дека силите на режимот на Асад ги гранатирале позициите на турските војници, без оглед на тоа што нивната локација е претходно координирана.
Меѓу ранетите има најмалку еден животозагрозен војник.
Турските вооружени сили одговорија на нападот и ги уништија гаѓаните цели.
Идлиб стана засолниште на прогонуваните, а моментално во овој сириски регион живеат 4 милиони луѓе кои се цел на постојани режимски напади и напади на руските сили кои во војната се вклучија во октомври 2015 година.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за деескалациска зона, како и уште трите региони: Хомс, Источна Гута и Дера-Кунејтра.
Меѓутоа, режимските сили на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата. Стотици илјади цивили од тие региони побегнаа во Идлиб и во регионите на самата сириско-турска граница.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите во Идлиб. Во согласност со договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб, а силите лојални на режимот на Асад набрзо ги продолжија артилериските и воздушните напади.








