АНКАРА (АА) – Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, соопшти дека резултатите од испитувањата на примероците од 42-те лица евакуирани од кинескиот град Вухан – епицентарот на коронавирусот – ќе бидат објавени утре, јавува Агенција Анадолија (АА).

На прес-конференцијата во турскиот главен град Анкара, Коџа повтори дека немало знаци на коронавирус кај евакуираните кои доцна синоќа пристигнаа во Анкара, и дека досега не се дијагностицирани случаи на коронавирус во Турција.

„Благодарение на нашето искуство, здравствената организација и динамичниот персонал, ние сме меѓу првите земји кои презедоа активности“, истакна турскиот министер.

Карго-авионот на Турските вооружени сили од типот А400М вчера полета од Вухан со евакуираните лица, меѓу кои имаше турски и државјани на Азербејџан, Албанија и Грузија, откако здравствените работници потврдија дека немаат никакви симптоми поврзани со смртоносниот вирус.

Од коронавирусот во Кина досега починаа најмалку 304 лица, а над 14.000 се инфицирани.

Од појавувањето кон крајот на минатата година, Кина го стави градот Вухан под карантин во обид да го спречи ширењето на вирусот.

Освен во Кина, вирусот се рашири и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам и Канада, а на Филипините има една жртва од вирусот.

Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот. Неколку авиокомпании ги прекинаа летовите до Вухан.