КАИРО (АА) – Арапската лига потврди дека во целост го отфрла наводниот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп и дека нема да го разгледува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката изјава на Арапската лига, која денеска се состана на ниво на министри за надворешни работи во Каиро, главниот град на Египет, се наведува дека планот на Трамп не е погоден за воспоставување праведен, траен и сеопфатен мир, и дека тој претставува влез во нов процес на застој на мировните преговори, кои траат веќе 30 години.
Се наведува дека планот на Трамп, кој вклучува нелегални членови за прашањето на Ерусалим, Голанската Висорамнина, еврејските населби и палестинските бегалци, нема да биде успешен, и се порачува дека „Арапската лига целосно е против овој план и никогаш нема да го земе на разгледување.“
Нагласувајќи дека таканаречениот мировен план на САД ни во најмала рака не ги задоволува правата и очекувањата на палестинскиот народ, од Арапската лига порачаа дека Арапската иницијатива за мир, усвоена во Либан 2002 година, е единствената прифатлива иницијатива за палестинско-израелскиот мир.
Израел нема да може да ги нормализира односите со арапските земји сè додека не ја усвои Арапската иницијатива за мир, која предвидува формирање на независна палестинска држава чиј главен град е Источен Ерусалим, според границите од 1967 година, и решавање на прашањето за палестинските бегалци според резолуцијата 194 на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) од 1948 година.
Со заедничката изјава упатено е предупредување до Израел да не се обидува да го спроведе мировниот план со игнорирање на меѓународните одлуки, а нагласено е дека САД и Израел ќе бидат сметани за одговорни за последиците од таквата политика, додека меѓународната заедница е повикана да реагира на ваквите активности на окупациските власти.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 28 јануари во друштво на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во Белата куќа го претстави т.н. мировен план за Блискиот Исток кој предвидува Ерусалим да биде прогласен за неделив главен град на Израел. Трамп порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Израелскиот премиер Нетанјаху откри дека планот предвидува израелски суверенитет над сите еврејски населби на Западниот Брег и порача дека планот е многу голема и историска придобивка за Израел.
Палестинската страна, вклучително и движењата на отпорот Фатах и Хамас, го отфрлаат планот на Трамп и најавуваат продолжување на борбата за правата на Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го нарече планот заговор, а од Хамас порачаа дека планот не вреди ни колку хартијата на која е отпечатен.









