Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турција никогаш нема да го признае и прифати наводниот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Планот е со цел анектирање на окупираните територии на Палестина“, изјави Ердоган за време на состанокот со покраинските претставници на владејачката Партија за правда и развој во Анкара.
Ердоган изјави дека препуштањето на Ерусалим во крвавите канџи на Израел претставува најголемо зло сторено против целото човештво.
„Во никој случај не го признаваме и прифаќаме планот, кој во основа потполно ја уништува Палестина и го узурпира Ерусалим“, изјави Ердоган и додаде:
„Како и илјадници години, Ерусалим и денес е клуч за мир во светот“, нагласи Ердоган и додаде дека колапсот на Ерусалим значи колапс на светот.
Турскиот претседател нагласи дека Ерусалим претставува црвена линија.
„Доколку денес не ја заштитиме светоста на џамијата „Ал Акса“, утре нема да бидеме во состојба да ја заштитиме Ќаба. Поради тоа Ерусалим е нашата црвена линија“, изјави Ердоган.
Додаде дека и христијаните треба да се спротивстават на тој план.
Турскиот претседател се осврна и на случувањата во Сирија и изјави дека секое случување во таа земја за Турција во најмала рака е важно како она што се случува во нејзините граници.
„Нема да бидеме набљудувачи на случувањата во Идлиб, како ни во другите региони на Сирија. Она што најискрено го сакаме е стабилност на Сирија“, изјави Ердоган.
Осврнувајќи се на случувањата во Либија, Ердоган упати критики на сметка на оние, што испраќаат платени војници во редовите на пучистичкиот генерал, од сите делови на светот, а од друга страна ја критикуваат Турција.
„Наместо легитимната власт и народот во Либија, оние што стојат покрај пучистите се предавници на демократијата. Кога станува збор за Либија, никој нема право да ѝ приговара на Турција, особено оние што ги поддржуваат бароните со крвави раце“, рече Ердоган.
– Земјотресот во источна Турција –
Турскиот претседател се осврна и на земјотресот што минатата недела го погоди турскиот источен град Елазиг со магнитуда од 6,8 степени и соопшти дека седум од повредените лица се на интензивна нега и дека нивната здравствена состојба е надвор од опасност.
„Турција го спроведе својот најбрз и најефикасен одговор на катастрофи во историјата на земјата, по овој земјотрес“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турција потрошила значителна сума пари од националниот буџет за погодените од земјотресот.
Турција беше погодена од неколку земјотреси од почетокот на 2020 година. Западната област Маниса на 22 јануари беше погодена од земјотрес со магнитуда од 5,4 степени по Рихтер, а главниот град Анкара на 23 јануари беше погоден од земјотрес со магнитуда од 4,5 степени.
Најкатастрофалниот земјотрес се случи на 24 јануари во источната турска област Елазиг со магнитуда од 6,8 степени, при што загинаа 41 лице, а околу 1.600 беа повредени.
Земјотресот е почувствуван и во соседните земји, вклучувајќи ги и Сирија и Грузија.









