ЛОНДОН (АА) – Според тврдењата на саудиски активист за човекови права, саудискиот принц Мухамед бин Селман е главниот организатор на тајните операции против Саудијците коишто го критикуваат неговото владеење, јавува Агенција Анадолија (АА).

Активистот Ганем ал Масарир, кој тврди дека неговите телефони биле хакирани од страна на саудиската власт и дека бил нападнат од двајца Саудијци во Лондон, смета дека многу саудиски дисиденти се под надзор на строгиот режим на саудискиот принц.

„Саудијците го следат секој што ги критикува“, изјави Ал Масарир за Агенција Анадолија.

„Тие киднапираа тројца членови од нивното кралско семејство од Европа. Тие порано ја криеја својата валкана работа. Но откако принцот Мухамед бин Селман дојде на власт, изгледа како тој да не се грижи за ништо. Тој прави валкани работи во јавност“, изјави ал Масарир.

– Извлекување од случајот за убиство –

Ал Масарир рече дека принцот Селман се однесувал како убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги никогаш да не се случило.

„На почетокот, тој негираше. Сега тој негира дека го хакирал телефонот на извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос. Саудијците го следат секој што зборува за нив, и тие ќе ги хакираат нивните телефони за да можат да добијат информации што ќе ги искористат против нив“, вели Ал Масарир.

Според него, саудискиот режим се извлекол од случајот за убиството на саудискиот новинар Кашоги. „Се чини дека тие ќе се извлечат за многу работи сè додека има некој во Белата куќа што ги поддржува.“

Ал Масарир изјави дека саудиските официјални лица, кои се одговорни за убиството на Кашоги, се ослободени, а Мухамед бин Селман е изоставен од истрагата.

– Под полициска заштита –

„Еднаш ме посетија од Градската полиција и ми рекоа дека постои закана за мојот живот“, изјави Ал Масарир.

Тој рече дека од полицијата не добил информации од каде всушност потекнувала таа закана.

„Препоставувам дека заканата е од Саудијците“, изјави тој, додавајќи дека се наоѓа под полициска заштита во Велика Британија.

Ал Масарир за АА вели дека бил нападнат во Лондон во 2018 година од страна на Саудијци.

„Нападот беше поздравен на социјалната мрежа Твитер со хаштаг од Саудијците“, изјави тој.

Ал Масарир добивал смртни закани и закани за злоупотребувања поради неговите сатирични видеоснимки во кои го исмејувал кралското семејство. Доделен му е азил во Велика Британија откако побарал засолниште во 2003 година.

– Хакирање на телефонот и судски случај –

Британските судии дадоа дозвола за продолжување на случајот, кој се заснова на доказите и тврдењата на Ал Масарир, пред Високиот суд.

Дозволата е издадена откако на површина излегоа обвинувањата на саудиската власт за хакирање на телефонот на Џеф Безос.

Зборувајќи за тоа како неговите телефони биле хакирани од саудискиот режим, Ал Масарир изјави дека телефоните започнале да работат неправилно и дека тој се посомневал дека биле хакирани.

„Во 2018 година, моите два телефона почнаа да работат чудно. Нивните батерии многу брзо се празнеа и не можев воопшто да ги ажурирам“, изјави тој.

Ал Масарир изјави дека во истрагата е откриено дека неговите телефони биле хакирани од саудискиот режим.

Тој рече дека шпионскиот софтвер „Пегасус“, кој е во сопственост на израелската компанија за надзор „NSO Group“, е пронајден на неговите телефони и дека тој го претставил случајот на судијата, кој рекол дека тоа претставува „спорен случај“.

„Поради тоа издаден е судски налог и ќе помине преку британската Канцеларија за надворешни работи до Министерството за надворешни работи на Саудијците“, изјави Ал Масарир.