Илјадници Палестинци и Јорданците вечерва се собраа во знак на протест, откако американскиот претседател Доналд Трамп го објави т.н. мировен план, кој тој го нарекува „стогодишен договор“.
Демонстрантите во Газа, Рамалах и Аман кренаа знамиња на Палестина и извикуваа пароли против американскиот план, кој Палестинците го отфрлаат.
Во Газа демонстрантите го изразија својот гнев поради таканаречениот договор со палење израелски знамиња и фотографии на американскиот претседател Доналд Трамп. Тие исто така запалија гуми за да сигнализираат дека го отфрлаат планот.
Протестите избувнаа на Западниот Брег на неколку места, повеќето во Рамалах, Калкили и ал-Калил.
Протестите ескалираа во судири со израелските сили кои отворија оган врз демонстрантите, но нема информации за повредените.
Во главниот град на Јордан, Аман, стотици се собраа пред амбасадата на САД и извикуваа пароли против планот на Трамп. Вашингтон е обвинет за поддршка на израелскиот терор против палестинскиот народ.
Меѓу деталите за планот на Трамп е дека Ерусалим ќе остане неразделен главен град на Израел.
Планот не ги исполнува ниту основните барања на палестинската страна, вклучувајќи го и правото на враќање на палестинските бегалци кои беа принудени да ги напуштат своите домови заради конфликтот.
Таканаречениот мировен план на Трамп е одбиен и од Хамас и од Фатах, велејќи дека тие силно ќе се спротивстават на планот.
Исто така, министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, предупреди дека едностраните потези на Израел насочени кон промена на ситуацијата на теренот ќе имаат опасни последици.









