Во главниот град на Хрватска се одржа конференцијата Енергетика 2020 „Грин њу дил за Хрватска“, која е посветена на политичката иницијатива на новоизбраната Европска комисија и последиците кои таа политика ќе ги има на хрватската енергетика, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новата Европска комисија (ЕК) на чело со Урсула фон дер Лејен, го претстави европскиот Зелен план (Green New Deal), збир на мерки, политики и регулаторни решенија насочени кон целосна декарбонизација на Европа до средината на овој век, што се смета за еден од најамбициозните планови за заштита на климата во историјата.
Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, рече дека во последните 50 години, како резултат на човековите активности, дошло до пораст на просечната температура за 1 степен Целзиусов во однос на прединдустрискиот период.
„Глобалната температура се очекува да се искачи за дополнителни 1,5 степен до 2050 година и за 2,9 до 3,4 степени до 2100 година, со примена на Парискиот договор, пред сѐ поради зголемената емисија на стакленички гасови од фосилни горива, индустрија и интензивно земјоделство“, рече хрватскиот премиер.
Тој додаде дека експертите предупредуваат дека ова ќе предизвика значително зголемување на нивото на морето, намалена достапност на водата, ќе влијае на достапноста на храната, здравјето и безбедноста.
Пленковиќ изјави дека нивото на морето се зголемило за околу 20 сантиметри од почетокот на 20 век, а за 10 сантиметри само од 1990 година и дека е прашање дали нивото на морето ќе се зголеми за 30 сантиметри, метри или дури и 2,5 метри до крајот на векот.
„Во изминатите 60 години, светската популација се зголеми за два и пол пати, потрошувачката на енергија четирипати, а емисијата на стакленички гасови седумпати“, рече хрватскиот премиер.
„Одговорноста на Европа е сè поголема бидејќи нашиот континент во изминатите 250 години придонесе за една четвртина од емисиите на СО2 во атмосферата, исто колку и САД“, рече Пленковиќ, додавајќи дека денес ЕУ испушта 10 отсто од вкупните стакленички гасови.
Тој истакна дека Хрватска за време на своето претседавање со Советот на ЕУ ќе има важна улога во поврзувањето на земјите членки и изнаоѓање заедничко решение за „Грин њу дил“, со оглед на тоа што сите земји немаат иста позиција, исто количество индустрија и со тоа ниту исто емитување на стакленички гасови.
Пленковиќ најави дека ќе работи на соработка на Зелениот план со земјите од Југоисточна Европа, чиј вкупен финансиски план за одржлива Европа за следните десет години ќе изнесува една милијарда евра.
Зелениот план има за цел да ја направи Европа првиот климатски неутрален континент до 2050 година, а со тоа емисиите на СО2 до 2030 треба да бидат намалени за 45 отсто.










