ЕРУСАЛИМ (АА) – Палестинскиот премиер, Мухамад Иштије, изјави дека најавениот блискоисточен мировен план на американскиот претседател, Доналд Трамп, всушност е план со кој Трамп и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, сакаат да ги сочуваат сопствените политички кариери, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Таканаречениот договор на векот е план со кој Трамп сака да се спаси од отповикување, а Нетанјаху од затвор поради корупција. Не е тоа никаков мировен план за Блискиот Исток, туку план за спас на Трамп и Нетанјаху“, порача шефот на палестинската Влада, Иштије.

Укажувајќи на периодот кога американскиот претседател сака да ја објави содржината на планот за решавање на блискоисточната криза, Штајех изјави дека е јасно оти Трамп и Нетанјаху сакаат да ги задоволат сите израелски барања и да ја овековечат окупацијата на палестинската земја.

„Палестина никогаш нема да го прифати таквиот план. Ги повикуваме арапските земји да не бидат злоупотребени во тој план и да ја штитат Палестина. Американскиот план е спротивен на напорите што во мировниот процес ги вложуваат арапските, европските и другите земји“, порача Иштије.

Палестинскиот премиер упати и порака со сочувство до Турција и турскиот народ поради земјотресот во кој во петокот на источниот дел на земјата загинаа најмалку 39 лица.

Претходно беше најавено дека американскиот претседател Трамп утре во Белата куќа ќе го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот опонент Бени Ганц, а дека дотогаш ќе ја објави и содржината на мировниот план за Блискиот Исток, што го нарекува „Договор на векот“.