ЕЛАЗИГ (АА) – Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека Турција ќе изгради привремени засолништа за 1.000 семејства, кои се погодени од земјотресот што се случи во источниот дел на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјотресот со јачина од 6,8 степени го погоди турскиот град Елазиг во петокот вечерта. Во соседните земји Сирија и Грузија исто така се почувствувани потреси.
„Засолништата ќе бидат изградени во централното подрачје Асаги Холпенк во Елазиг“, изјави Сојлу за време на заедничката прес-конфернција со други високи официјални претставници.
Сојлу додаде дека засолништата ќе имаат електрична енергија и топла вода, и ќе бидат целосно изградени во рок од 10 до 15 дена.
Тој додаде дека сите потреби на жртвите од земјотресот ќе бидат задоволени во 45 засолништа во градот.
„На лицата на кои домовите им се тешко оштетени и се очекува нивно уривање, при што се во итна потреба за изнајмување дом, турската Влада ќе им обезбеди поддршка од вкупно 41.000 турски лири (6.891 долари)“, изјави Сојлу.
Министерот за животна средина и урбанизација, Мурат Курум, кој исто така зборуваше на прес-конференцијата, изјави дека Владата ќе започне со изградба на 2.000 нови домови во Елазиг.
„Наша цел е брзо да ја завршиме проценката на штетите и да започнеме со изградба на безбедни домови за нашиот народ“, рече Курум.
Министерот за здравство, Фахретин Коџа, додаде дека 18 од 86 повредени биле под интензивна нега во медицинските установи.
„Од 1.607 повредени лица, 1.516 се отпуштени од болницата, додека 45 лица што биле заробени под урнатините на куќите и зградите се спасени“, соопшти Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Од АФАД се додава дека биле почувствувани вкупно 948 потресувања на тлото.
АФАД соопшти дека спасувачките тимови продолжуваат со својата работа во регионот со повеќе од 3.800 лица од персоналот, стотици возила и 22 полициски кучиња.








