Ердоган во посета на африканските земји: Планирано потпишување бројни договори

0
102

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган пред официјалната посета на Алжир изјави дека неговата земја е решена за понатамошно продлабочување на односите со африканските земји во наредниот период.

Ердоган ќе ги посети и Сенегал и Гамбија како дел од африканската турнеја по Алжир. За време на посетата на Алжир, тој треба да се сретне со претседателот Абделмаџид Тебун и да учествува на Турско-алжирскиот бизнис-форум.

– Заедничката изјава потпишана од двајцата претседатели ќе формира совет за соработка на високо ниво меѓу Турција и Алжир – соопшти Кабинетот на турскиот претседател.

Понатаму се наведува дека посетата на Ердоган на Гамбија ќе биде од историско значење, бидејќи „ова ќе биде прва официјална посета на претседателот на Турција на таа африканска земја“.

– За време на посетата на африканските земји, ќе бидат потпишани бројни договори во насока на натамошно зајакнување на билатералните односи – се наведува.

Турскиот претседател е придружуван од неговата сопруга Емине Ердоган, додека турската делегација ја сочинуваат бројни државни министри, меѓу кои и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и министерот за одбрана Хулуси Акар. Односите меѓу Турција и Африка добија интензитет откако Африканската унија ја прогласи Турција за стратешки партнер на африканскиот континент во јануари 2008 година.

Пред посетата, Ердоган се осврна и на настаните по земјотресот во Турција, истакнувајќи дека веднаш по несреќата, сите државни институции ги ставија на располагање сите средства што се на располагање за да се спасат ранливите луѓе.

-Ние продолжуваме да вложуваме огромни напори за да им помогнеме на ранливите жители. Турција ќе ја надмине оваа катастрофа со единство и солидарност – рече Ердоган.

Тој истакна дека последните податоци покажуваат дека вкупно 45 лица се спасени по земјотресот под урнатините.