Охриѓанецот Џеди Осман собра 65.000 долари за погодените од земјотресот

0
125

Џеди Осман пред натпреварот против Чикаго започна кампања за погодените од земјотресот во Елазиг

Екипата на Кливленд Кавалирс во која настапува турскиот кошаркарски интернационалец, охриѓанецот Џеди Осман, на домашен терен ја пречека екипата на Чикаго Булс. Пред натпреварот Џеди Осман на социјалните мрежи започна кампања за помош на лицата погодени од земјотресот што го потресе подрачјето на турскиот град Елазиг.

Кошаркарот Осман во својата објава напиша дека за секоја постигната „тројка“ на натпреварот ќе донира 100 долари за погодените од земјотресот во Турција.

На оваа негова кампања се приклучија неговиот клупски колега Лери Ненси, турскиот фудбалер Арда Туран, фудбалерот на германскиот прволигаш Вердер Бремен, Нури Шахин, кошаркарката во женскиот кошаркарски клуб Галатасарај, Ишил Албен, турскиот фудбалски интернационалец во францускиот клуб Лил, Јусуф Јазиџи. П

Поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Транбзонспор, Невзат Ајдин, напишал дека за секоја постигната тројка ќе донира 10.000 лири (околу 170 долари), а како донатор се јавил кошаркарскиот клуб Адана.

Победник на натпреварот беше екипата на Чикаго Булс, која го совлада Кливленд Кавалирс со 106 : 118. На оваа средба беа постигнати 25 тројки.

Џеди Осман по натпреварот информираше дека тој и неговиот колега Ненси за секоја постигната тројка ја зголемиле сумата на 200 долари и заедно донирале вкупно 10.000 долари. Арда Туран, Нури Шахин, Ишил Албен и Јусуф Јазиџи донирале по 2.500 долари, што вкупно изнесува 10.000 долари. Невзат Ајдин донирал 250.000 лири (околу 42.000 долари) и кошаркарскиот клуб Адана 2.500 долари.

Охриѓанецот на социјалните мрежи соопшти дека се собрани 385.000 лири, што претставува приближно 65.000 долари. Во исто време му се заблагодари на неговиот клупски колега Лери Ненси и на сите останати спортисти и спортски работници кои учествуваа во кампањата за помош на настраданите од земјотресот во Елазиг.