БЕЛГРАД (AA) – Србија ќе ја прифати секоја одлука за Дејтонскиот договор со која ќе се согласат трите народа во Босна и Херцеговина, изјави денес претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние ќе ја прифатиме секоја одлука со која ќе се согласат сите три народи, посебно српскиот, и по тоа прашање ние ќе го следиме сето она што сите три народи го велат таму дека треба да се прави“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Додик.
Тој наведе дека со Додик разговарале и за соработката меѓу Србија и БиХ.
„Наскоро го ратификуваме аранжманот со Турција за Автопатот Белград – Сараево, во тек е изградба на мостот, а тргнуваме во работа на делницата Кузмин – Рача“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, тој ќе направи сè што е во негова моќ да се сочуваат мирот и стабилноста на Балканот.
„Потреба на српскиот народ каде и да живее е сочувување на мирот, стабилноста на Балканот и наше е да направиме сè што е во нашата моќ тој мир и стабилност да ги сочуваме“, додаде Вучиќ.
Претседателот на Србија рече и дека го поддржале залагањето на Српската православна црква за зачувување на српските свети места во Црна Гора.
Коментирајќи го изборот на новиот амбасадор на Хрватска во Србија, тој рече дека го почитува нивниот избор и најави дека многу брзо ќе му даде агреман на Хидајет Бишчевиќ и ќе го дочека во Белград.
Додик изрази задоволство што БиХ го завршила потребното за мостот „Братунац – Љубовија“, и дека сето тоа би требало да биде завршено и ставено во промет во наредната година и половина.
Тој оцени дека „какви било разговори за промени на Дејтонскиот договор, без Република Српска, би значеле смртна пресуда за БиХ“.
„РС нема да остане во БиХ надвор од овие рамки и овој Устав, какви било разговори да се менува Дејтон во тој формат ќе донесат до тоа ние тогаш да немаме причина да останеме во БиХ“, рече Додик.









