Командантот на Иранската револуционерна гарда: „Не одиме во војна, но не се плашиме од војна“

0
83

Хусеин Селами, командантот на Иранската револуционерна гарда, рече дека не ја носат земјата кон војна, но дека не се плашат од војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според иранската полудржавна новинска агенција „Тесним“, Селами, говорејќи на настан што се одржа во градот Ахваз, ја коментираше напнатоста меѓу Иран и САД во однос на настаните што се случија во Ирак.

Осврнувајќи се на обвинувањата на Соединетите Американски Држави (САД) дека Иран е одговорен за настаните во Ирак, Селами истакна: „САД, секаде каде што се неуспешни, го обвинуваат Иран.“

Во врска со загриженоста за војната со САД, Селами рече: „Не ја носиме земјата во војна, но не се плашиме од никаква војна. Им порачуваме на САД дека со иранскиот народ треба да зборуваат со правилен речник.“

– Тензичност меѓу САД и Иран во Ирак –

Во Ирак на 27 декември во нападот врз коалициските сили во Киркук, еден американски државјанин го загуби својот живот, четворица американски и двајца ирачки војници беа повредени.

По тоа, Министерството за одбрана на САД соопшти дека во Ирак и Сирија нападнале пет цели на бригадите на Хезболах поврзани со „Хашди ал Шаби“. Беше соопштено дека во нападите загинале 28 лица, а дека се повредени 48 лица.

Стотици луѓе се собраа пред Амбасадата на САД во Багдад за да протестираат против нападот на САД врз бригадите на Хезболах, поврзани со „Хашди ал Шаби“, поддржувачите на шиитските милициски сили во Ирак.

Демонстрантите ја скршија вратата на Американската амбасада во заштитената Зелена зона во Багдад, каде што се наоѓаат и владините згради.

Коментирајќи ги настаните во Ирак, на својот профил на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп напиша: „Ќе платат огромна цена. Тоа не е предупредување, туку закана.“

Лидерот на Иран, ајатолахот Али Хаманеј, отфрлајќи ја поврзаноста на неговата земја со нападот на Амбасадата на САД во Багдад, нагласи: „Иран не е за водење војна, но без сомнение ќе зададе силен удар на заканите врз достоинството и напредокот на нашиот народ.“

Извор:Анадолија