ТРИПОЛИ (АА) – Силите во пет града во западна Либија, што се борат под Владата на национално единство, прогласија мобилизација за одбрана на главниот град Триполи од офанзивата со којашто се закани командантот Калифа Хафтар, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението, властите во градовите Кабав, Злитен, Хомс, Мсалата и Завија велат дека тие ќе ја поддржат Владата на национално единство, признаена од ОН, и ќе се борат против силите на Хафтар.

Тие повикаа на координација и соработка со цел одбивање на евентуални напади.

Во април, силите на Хафтар започнаа воена кампања за заземање на Триполи од силите на Владата на национално единство, но досега не успеаја да напредуваат подалеку од периферијата на градот.

На 12 декември, Хафтар објави дека наредил започнување одлучувачка битка за освојување на главниот град.

Владата на национално единство ја започна операцијата „Буркан ал-Гадаб“ (Вулкан на гневот) за да возврати на офанзивата.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), од почетокот на операцијата животот го загубија над 1.000 лица, а 5.000 се повредени.

Од соборувањето на починатиот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две места на моќ: едно во источна Либија, поддржано главно од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и друго во Триполи, кое е признаено од ОН и меѓународната заедница.


Dubai-Portal / BBC