БЕЛГРАД (AA) – Договорот помеѓу Владата на Србија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за соработка на реализација на проектот за Автопатот Белград – Сараево е потпишан во Белград, а со него е предвидено во наредниот месец да биде формирано оперативно тело кое ќе работи на реализација на овој проект, јавува Агенција Анадолија (АА).
По потпишувањето, заменик-министерот за комуникациии и собраќај на БиХ со технички мандат, Саша Далипагиќ, рече дека денешниот договор предвидува и изградба на мостот на Сава кај Рача, кој ќе биде спојна точка помеѓу двете држави.
„Предвидено е и Србија во целост да го изгради овој мост“, рече Далипагиќ.
Како што рече, со овој договор двете земји се обврзуваат дека во рок од еден месец ќе формираат оперативно тело.
„Се обврзуваме во рок од еден месец да формираме оперативно тело кое ќе работи на реализација на овој многу важен проект и за БиХ“, додаде Далипагиќ.
Запрашан за мостот „Братунац-Љубовија“, кој е завршен, но уште не е пуштен во функција, Далипагиќ рече дека проблемот настанал за време на распишувањето на тендер, и дека се надева оти по формирањето на Советот на министри во БиХ дека тоа прашање ќе биде решено.
„Се надевам дека тоа сега ќе се реши, како и сите прашања, бидејќи тоа навистина не е во ред, мостот да стои и луѓето да не можат да го користат“, наведе тој.
Министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Зорана Михајловиќ, наведе дека овој договор е многу важен за Србија, оценувајќи дека тој претставува голем чекор, бидејќи значи брзина и ефикасност кон изградба на автопатот.
Таа потсети дека камен-темелникот за автопатот веќе е положен во октомври, со присуство на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и членовите на Претседателството на БиХ.
„За нас тоа е пат кој треба да поврзе две држави, луѓето на тие две држави, пат кој ние го викаме пат на пријателство, кој треба да нè води кон иднината, не кон минатото и кон сите проблеми кои ги имавме“, рече Михајловиќ.
Таа истакна дека работите одат според планираната динамика, и дека овој договор е продолжување на динамиката.
Според неа, не е само во прашање автопатот, туку и изградбата на граничен премин, сè со цел подобар и побрз проток на стока и луѓе, а во согласност со движењето кон „Мал Шенген“.
Михајловиќ, говорејќи за мостот „Љубовија-Братунац“, рече дека Србија својот дел го одработила, со молба кон Федерацијата БиХ што поскоро да заврши.
Амбасадорката на БиХ во Србија, Аида Смајиќ, изрази верување дека со изградбата на автопатот сигурно билатералните односи на двете земји ќе тргнат кон нагорна линија, и дека со мали оперативни чекори ќе се оди кон решавање на сите отворени прашања.
„Со ваквите проекти двете земји покажуваат јасна определба да одат кон ЕУ, дека тоа се нивни стратешки цели“, заклучи таа.
Автопатот Белград – Сараево, чија изградба ќе ја финансира Турција, ќе се гради како прстен, во два правци: Кузмин – Сремска Рача – Белина и Пожега – Котроман, на границата на Србија со БиХ.
Делницата Сремска Рача – Кузмин е долга околу 18 километри, а трасата Пожега – Ужице – Котроман околу 60 километри. Вкупната вредност за изградба на двете делници на територијата на Србија е околу 1,05 милијарди евра, од кои околу 220 милиони евра вредност на делницата Сремска Рача – Кузмин, а околу 830 милиони евра делницата Пожега – Котроман.
Вториот правец, Пожега – Ужице – Котроман, на границата на Србија и БиХ, со должина од околу 60 километри, со Коридорот 11 во Србија се поврзува во Пожега, а од Пожега преку Моравскиот коридор (E-761) би требало да се поврзе со Коридорот 10.
Подготвителните работи за изградба на мостот на Сава во Сремска Рача, на делницата на Автопатот Кузмин – Сремска Рача, почнаа кон крајот на август оваа година.
AA / Dubai-Portal









