АНКАРА/РАБАТ (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека муслиманите низ целиот свет се соочуваат со многу предизвици како резултат на дискриминацијата, исламофобијата и расизмот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Министерот Чавушоглу даде изјава за медиумите во Мароко, каде што присуствува на прославата на 50-годишнината од Организацијата на исламска соработка.
Чавушоглу упати честитки до Кралството Мароко за напорите во организацијата на конференцијата. Исто така, се заблагодари на мароканскиот крал Мухамед VI поради лидерството и на Ерусалимскиот комитет поради успешното водство.
Потсетувајќи дека Организацијата на исламска соработка е формирана пред 50 години со договорот од Рабат рече дека сѐ уште имаат заеднички цели, на чело со Ерусалим и Палестина.
„Во Организацијата на исламска соработка заедништвото е многу значајно“, нагласи Чавушоглу.
Чавушоглу, истакнувајќи дека муслиманите што живеат во различни делови на светот се соочуваат со некои тешкотии, нагласи: „Муслиманите низ целиот свет, вклучувајќи ги и оние што живеат во Европа, се соочуваат со многу предизвици како резултат на дискриминацијата, исламофобијата и расизмот. Во голем број земји во Европа, покрај Турците живеат и голем број Мароканци.“










