АНКАРА (АА) – Најмалку 424 лица загинаа, а 8.758 се повредени во антивладините протести во Ирак, кои започнаа на почетокот на октомври, соопшти Мисијата за поддршка на ОН во Ирак (UNAMI).

Во последниот извештај објавен вчера, а кој се однесува на периодот од 5 ноември до 9 декември 2019 година, УНАМИ соопшти дека 170 демонстранти загинале и 2.264 биле повредени.

УНАМИ соопшти дека првичните наоди покажале дека „незаконска, неправилна и прекумерна употреба на сила, како и лошо постапување и кршење на процедуралните права на уапсените демонстранти“ се случиле во периодот опфатен со извештајот.

„Владата не дозволува УНАМИ да се здобие со официјални статистички податоци од болниците во врска со жртвите од демонстрациите или да ги посетат болниците за да ги интервјуираат жртвите“, се вели во соопштението.

Претходниот извештај на УНАМИ покажува дека во период од 25 октомври до 4 ноември 2019 година во демонстрациите во Ирак загинале 97 демонстранти.

Во првиот бран од протестите загинаа 157 демонстранти и 5.494 беа повредени.

Ирак е упориште на повеќедецениска длабока политичка и безбедносна криза, а од почетокот на октомври траат и антивладините протести на кои демонстрантите бараа оставка на премиерот Адил Абдулмехди.