АНКАРА (AA) – Турција го осуди донесувањето на законот за американски санкции против Турција, тврдејќи дека се работи за непочитување на нејзините суверени одлуки, јавува Агенција Анадолија (АА).

Комитетот за надворешни односи на Сенатот на Соединетите Американски Држави (САД) во средата изгласа закон за одбрана, со кој се повикува на санкции за Турција поради набавката на противракетниот систем „S-400“.

„Најновите обиди забележени во двата дома на американскиот Конгрес, а кои исто така ги поддржаа и некои кругови против Турција, претставуваат нов инцидент на непочитување на нашите суверени одлуки за нашата национална безбедност“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.

Во соопштението се додава дека се свесни дека Комитетот за надворешни односи на Сенатот го усвоил законот со кој се наметнуваат санкции на Турција поради операцијата „Извор на мирот“ и рускиот систем „S-400“.

Турското Министерство го повика американскиот Конгрес да заземе конструктивен став кон развојот на турско-американските односи за да не бидат „загрозени заедничките цели на двете земји“.

Договорот што Турција и Русија го постигнаа за купопродажба на антиракетните системи „S-400“ предизвика остри критики од САД, што доведе до тензии во американско-турските односи.

Официјален Вашингтон тврди дека набавката на системот „S-400“ ќе ја загрози турската позиција во проектот на воените авиони „F-35“. Турција, од друга страна, тврди дека системите „S-400“ нема да ги инкорпорира во системите на НАТО и дека на никаков начин нема да ги загрози сојузниците.


АА/ Dubai-Portal