ИЗМИР (AA) – Мерјем Дузгун Каја, ликовен уметник со физички инвалидитет, во Измир позната како „сликарка со шалвари“, со помош на екипата на Агенција Анадолија (АА) го оствари својот сон, цртајќи на еден висок рид со поглед на море.

Мерјем Дузгун Каја (56) живее во руралното подрачје Карабаглар во Измир, и поради фебрилна болест која ја претрпела на рана возраст е врзана за инвалидска количка.

Каја поради хендикепиреноста својата куќа не можела да ја напушти со години. Во тој период покажала интерес кон сликарската уметност. Со пејзажните слики што ги црта без да ги види тие места, отвори лични изложби. Позната е како „сликарка со шалвари“. За првпат сега сликаше на еден висок рид, до едно дрво со поглед кон морето.

Не посветувајќи внимание на правливите патишта и камените терени на месноста Карабаглар, прицврстена за инвалидската количка, излезе на пат заедно со екипата на АА и стигна да ридот од каде што сакаше да слика. Во текот на двочасовниот пат до ридот, полн со кривини, забележа голем број дрвја, цвеќиња и пејзажи.

Мерјем Дузгун Каја од своето детство на своето платно црта пејзажи кои досега ги нема видено, но овој пат морето, шумите и заливите ги нацрта гледајќи ги.

Екипата на АА беше сведок на патувањето, на среќата и на првиот „жив настап“ на сликарката со физички инвалидитет, Каја. Тие заедно стигнаа до ридот со поглед на море, оддалечен 100 километри од нејзиниот дом.

– „Со четките и боите го нацртав тоа што ми лежеше на душата“

Каја во заливот Барадан, пренесувајќи го бескрајното море и дрвјата од планините на своето платно, раскажа за својата љубов кон природата и сликарството.

Наведувајќи дека отсекогаш нејзиниот најголем сон бил да гледа кон морето, водата, шумата и цвеќињата од висок рид, Каја нагласи:

„Многу ми е тешко да излегувам надвор. Сон ми е да можам да бидам со природата и да сликам слободно. Мојот простор за живеење, патиштата, рампите, секогаш претставуваат пречка. Иако не се чувствувам како хендикепирана, поради дневните пречки сум осудена на тоа. Долго време не сум излезена од дома. Тоа е навистина тешко”.

Таа додаде дека ѝ недостасува природата.

„Цртајќи ги сликите ја сонував природата. Ги нацртав местата што ги немам видено, посетено. Тоа што го чувствував на душата го пренесов на платното. Со четките и боите го нацртав тоа што ми лежеше на душата.“

Истакнувајќи дека претходно нема видено морето, Каја рече дека немала можност да црта во „живо“ и дека за првпат слика во природата и се чувствува прекрасно.

Каја го загубила својот сопруг пред шест години, а сега се обидува да живее сама без да има потреба од некого. Таа исто така додаде дека отсега понатаму сака да црта слики кои ѝ лежат на душата.

Мерјем Дузгун Каја на крајот се заблагодари на екипата на АА која посредуваше во реализацијата на нејзините соништа.

Таа ги има освоено наградите „Уметник на годината“, „Талент на годината“. Сѐ уште доброволно продолжува да ги учи децата од своето маало да цртаат.


AA / Dubai-Portal