Нови девет, кратки прислушувани разговори се објавени на „Ју Тјуб“ каналот „U6e Big“ поврзани со случајот „Рекет“. Со претходно објавените седум, сега на интернет се поставени вкупно 16 аудио разговори каде се слуша глас кој наликува на бизнисмен сведок во случајот „Рекет“ но и осомничен во истрагата „Империја“ на СЈО. Последните аудио записи се објавени денеска. Во дел од нив се слушаат разговори на машки лица. Муабетат дека во „Луј Витон“ чантата има ГПС локатор но и се слуша глас кој кажува дека скапата торба полна со евра не завршила кај премиерот Зоран Заев. Дополнително истиот глас за кој се претпоставува дека е на познатиот бизнис магнат осомничен за перење пари во „Империја“, констатира дека од куќен притвор ги пуштил Врховен или како што вели, „Јово не пушти“.

И додека во последниве четири дена, анонимно се објавија нови разговори поврзани со случајот „Рекет“, обвинителството убедува дека истражуваат – кој ги објавил разговорите и од каде, кој се крие зад профилот на „Ју Тјуб“. Дополнително се проверува дали во снимките има елементи на кривично дело.

„Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, Обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува“, велат од ОЈО.

Пред овие ауди записи, јавноста преку италијанскиот десничарски весник „Ла Верита“ се запозна со начинот на кој Боки 13 и Зоран Кичеец земале пари од Орце Камчев. Весникот објави видео материјал од куќата на бизнисменот. Досега обвинителството нема одговор како доказите кои ги доставил Камчев до нив за земениот милион завршија во јавноста а самиот тој негираше дека ги дал на „Ла Верита“. Во „Рекет“ обвинети се Боки 13 и Катица Јанева, а трето обвинетиот Зоран Милевски – Кичеец призна вина и доби три години затвор.


Alsat-M / Dubai-Portal