САРАЕВО (АА) – Здружението на жртви и сведоци на геноцидот во Босна и Херцеговина соопшти дека доделувањето на Нобеловата награда на австрискиот писател Петер Хандке е јасен знак за враќање на фашизмот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Пораката ја упатија преку цртеж кој го илустрира чувството што кај жртвите од геноцидот ја предизвикува одлуката на Шведската академија да ја додели Нобеловата награда на личност, која ги отфрла пресудите на Трибуналот во Хаг и ги негира злосторствата направени во 1990-тите години во Босна и Херцеговина. На цртежот е прикажан Хандке кој гази по жртвите на геноцидот.

Цртежот е прикажан на една од најфреквентните улици во Сараево.

„Пораката ‘Засрамете се’ е упатена на сите кои ја поддржаа оваа одлука на Шведската академија“, изјави за АА Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

Од Здружението порачаа дека доделувањетоо на Нобеловата награда од Шведската академија на еден од најголемите негирачи на геноцидот е враќање на Европа во најмрачните времиња на 20 век, пред Првата и Втората светска војна, кога се поддржуваа и глорифицираа злосторниците кои го осмислија и холокаустот.

„Ерик Готфрид Кристијан Брант, шведски политичар и член на шведскиот Парламент, во 1939 година официјално го номинираше Адолф Хитлер за Нобелова награда. По Втората светска војна рекоа дека тоа било шега. Фашистите добија своја сатисфакција по 80 години со доделувањето на Нобеловата награда на Петер Хандке. Патувај Европо!“, порачаа од Здружението.