СКОПЈЕ (АА) – Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) достави барање до претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, во кое се бара Северна Македонија да не присуствува на доделувањето на Нобеловата награда за 2019 година во Стокхолм во Шведска, пренесува Агенција Анадолија (АА).

БДС преку соопштение објави дека доставиле барање до Владата на Северна Македонија, со кое бараат Северна Македонија да не присуствува на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда, затоа што како се наведува „ќе му биде доделена Нобеловата награда на австрискиот книжевник Петер Хандке кој отворено го негира геноцидот во Сребреница и кој го поддржуваше режимот и политиката на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.”

„Бошњачкиот демократски сојуз во своето барање наведува дека Владата на Република Северна Македонија треба да делува во духот на декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница од 15 јануари 2009 година која ја усвои Парламентот на нашата држава на 10.02.2010 година”, се вели во барањето на БДС.

„Бошњачкиот демократски сојуз како и Бошњаците во Северна Македонија очекуваат дека Владата на Северна Македонија нема да го одобри присуството на македонската делегација на доделувањето на Нобеловата награда за 2019 година и дека нема да поддржува поединци и институции кои го негираат геноциодот во Сребреница”, се истакнува во барањето на БДС упатено до Владата на Северна Македонија.

Потсетуваме, австрискиот книжевник Хандке е прогласен за добитник на Нобеловата награда за книжевност за 2019 година, поради, како што е наведено во образложението на Шведската академија, „јазичната иновативност преку пишаниот збор кој ја опишува човечката маргинализација и уникатност на живеење“.

На Хандке наградата ќе му биде врачена во понеделник, а освен по своите книжевни достигнувања, во јавноста е познат и по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.


AA / Dubai-Portal