ИДЛИБ (АА) – Како резултат на нападите на Асадовиот режим и Русија врз населените места во границите на Зоната за деескалација во Идлиб, во последната недела раселени се 25.000 цивили од оваа зона кон различни зони близу границата со Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според информациите од невладината организација „Координација за интервенција на Сирија“ до кои дојде АА, во првата недела од овој месец, како резултат на нападите на војниците на Асадовиот режим, странските терористички групи поддржани од Иран и Русија, раселени се 25.000 цивили.

Директорот на невладината организација „Координација за интервенција на Сирија“, Мухамед Халаџ, истакна дека и понатаму се продлабочува хуманитарната криза во Идлиб и дека само во последната недела 25.000 цивили биле принудени да мигрираат.

„Во подрачјата на Маретинуман, Серакиб и Ериха, и во нивните рурални зони живеат околу 425.000 цивили“, рече Халаџ, додавајќи дека доколку продолжат нападите, ќе се зголеми бројката на раселените цивили.

Халаџ нагласи дека силите на режимот, како и Русија, ги погодуваат болниците, училиштата, џамиите, центрите за цивилна одбрана, како и куќите со цел да го спречат повторното враќање на цивилите.

Поголемиот дел од цивилите што бегаат од нападите на силите на режимот и Русија се засолнуваат во зоните кои беа исчистени од терористите во рамки на турските операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.

Во нападите на режимот и Русија, реализирани од потпишувањето на договорот меѓу Турција и Русија на 17 септември 2018 година досега, во Зоната за деескалација во Идлиб загинаа над 1.300 цивили.

Бројката на лицата кои мигрираат од зоните каде што се интензивирани нападите кон зоните блиску до турската граница, во последната година надмина 1 милион лица.