АНКАРА (AA) – Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, ја повика Шведската академија да се откаже од одлуката за доделување на Нобеловата награда на австрискиот книжевник Петер Хандке, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Неопходно е да се поништи таа неразумна и срамна одлука. Како е можно наградата да му се додели на човекот кој ја нема нобеловската совест? Дали е тоа поради признавањето на новиот геноцид?“, порача Калин.
Австрискиот книжевник Хандке е прогласен за добитник на Нобеловата награда за книжевност за 2019 година, поради, како што е наведено во образложението на Шведската академија, „јазичната иновативност преку пишаниот збор кој ја опишува човечката маргинализација и уникатност на живеење“.
На Хандке наградата ќе му биде врачена во понеделник, а освен по своите книжевни достигнувања, во јавноста е познат и по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.
Овогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност Хандке и вчера во Стокхолм го негираше геноцидот во Сребреница и го навредуваше новинарот кој му поставуваше прашања во врска со тоа.
Во понеделник во Стокхолм ќе биде одржан голем протест поради одлуката на Шведската академија за доделување на наградата на Хандке.










