АНКАРА

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека вчерашниот состанок за Сирија со лидерите на Турција, Франција и Германија и Велика Британија бил многу добар, јавува Агенција Анадолија (АА).

На состанокот вчера, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и Џонсон разговараа за ситуацијата во Сирија, Либија и за прашањата за борба против тероризмот, како и за широките стратешки, економски и одбранбени партнерства меѓу нивните земји.

На прашањето за антитерористичката операција на Турција, „Извор на мирот“ во северна Сирија, Џонсон одговори: „Имавме многу добра дискусија за тоа вчера попладне. И јасно, многу е важно Алијансата да остане заедно.“

„Многу повеќе е она што нѐ обединува отколку што нѐ дели. Мислам дека тоа е единствената работа на која секој лидер тука ѝ е посветен и тоа е виталната важност на НАТО за нашата колективна безбедност“, додаде тој.

Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.

Анкара бара терористите на ПКК/ЈПГ да се повлечат од регионот за да може да се создаде безбедносна зона и да се отвори патот за безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.

На 22 октомври Анкара и Москва постигнаа договор, според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со Сирија, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.