ЛОНДОН (АА) – Самитот на лидерите на НАТО во Лондон, по повод 70-годишнината на Алијансата, започна со изјави што ја нагласуваат солидарноста и единството во сојузот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО останува единствената платформа каде што Северна Америка и Европа разговараат, одлучуваат и преземаат акција заедно, секојдневно, за заштита на речиси 1 милијарда луѓе“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својот воведен говор на отворањето на Самитот.
„Значи, без оглед на нашите разлики, ние ќе продолжиме да се обединуваме околу нашата главна задача, да се браниме едни со други – сите за еден и еден за сите“, додаде тој.
„НАТО е најуспешната алијанса во историјата затоа што ние се менувавме како што се менуваше светот“, истакна Столтенберг.
Британскиот премиер Борис Џонсон, пак, истакна дека сè додека НАТО е обединето, никој нема да се понадева да го порази.
„Фактот што денес живееме во мир ја покажува моќта на едноставното мото во срцето на овој сојуз дека сè додека стоиме еден покрај друг, никој нема да може да се понадева на нè порази – и затоа никој нема да започне војна.“
Осврнувајќи се на членот 5 од Повелбата на НАТО, односно делот за колективна одбрана, Џонсон рече: „Ако некој од нас биде нападнат, сите ние ќе прибегнеме кон негова одбрана“.
„Ако НАТО има мото, тоа е – еден за сите и сите за еден“, додаде тој.
Нагласи дека од 2016 година, европските сојузници и Канада ги зголемуваат своите буџети за одбрана – поради честите поплаки на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тие додадоа 130 милијарди долари во нивните буџети за одбрана. Ова е невидено. Тоа го прави НАТО посилен“, рече тој.
„Во однос на Велика Британија, ние трошиме над 2 отсто од БДП за одбрана“, рече Џонсон.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, утринава изјави дека лидерите на Самитот ќе се осврнат на широк спектар на прашања, меѓу кои и „борбата против тероризмот, контролата на оружјето, односите со Русија и за првпат во историјата на НАТО ќе седнеме и со лидерите на НАТО ќе се осврнеме на подемот на Кина“.










